За дивоградбите што ги пријавува градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска обвинителствата постапуваат и има предмети во истрага и предистрага, но републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски не може да посочи бројки колку предмети се водат за ова.
– Околу дивоградбите имаме неколку предмети. Имаме предмети во истрага, имаме предмети во предистрага. За последните случувања, знаете, вчера судот по жалба на јавното обвинителство определи притвор за потенцијалниот сторител на кривичното дело што значи Јавното обвинителство (ЈО) и понатаму ќе постапува по секоја кривична пријава или евентуално по секој поднесок во врска со дивоградбите и тука, не се сомневам дека јавните обвинители ќе постапуваат правилно. Она што вчера го слушнав дека градоначалничката поднела нова кривична пријава. Истата ќе се процесира во најбрз можен рок. Старите се во тек, што значи дека по собирање на доказите ќе се донесе јавнообвинителска одлука. Затоа, реков истрага има, така што ќе се постапи – рече Коцевски.



