Која е жената чија смрт предизвика лавина протести во САД: Агентите за имиграција убија мајка на три деца за време на рација

Жената која беше убиена од федерален агент за имиграција во Минеаполис во Соединетите Американски Држави (САД) е идентификувана како Рене Никол Гуд, 37-годишна мајка на три деца.

Гуд беше државјанка на САД, наградувана поетеса и хобистка гитаристка која се пресели во Минеаполис минатата година. Според официјалните лица, во времето на нејзината смрт таа била присутна како правен набљудувач за време на рацијата на ICE во јужниот дел на градот – волонтерка чија задача е да ги следи постапките на полицијата и да обезбеди почитување на законските права на граѓаните.

Случајот предизвика масовни протести низ САД, со обвинувања за полициска бруталност, злоупотреба на овластувањата и неодговорна употреба на сила од страна на федералните агенти.

Сепак, администрацијата на Трамп презентираше сосема поинаква верзија на настаните. Претседателот Доналд Трамп и министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем рекоа дека Гуд ги попречувал службениците за спроведување на законот.

Ноем изјавила дека Гуд ги блокирала агентите со своето возило, им викнала и се обидела да прегази полицаец, поради што агентот пукал.

Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, од друга страна, остро ги негираше обвинувањата. Откако, како што вели, лично ги видел снимките од инцидентот, Фреј изјави дека агентот дејствувал неодговорно.

„Ова беше агент кој неодговорно ја користеше својата моќ, што резултираше со смрт и убиство на едно лице“, рече Фреј.

Семејството на Рене Гуд ги негираше обвинувањата на Белата куќа. Нејзината мајка, Дона Гангер, рече дека нејзината ќерка не го предизвикала нападот врз агентите на ICE. Таа ја опиша како исклучително сочувствителна личност која се грижела за другите целиот свој живот.

Повеќе од 370.000 долари беа собрани за семејството на Рене Гуд за само десет часа. Протести се одржаа на улиците на бројни американски градови, а демонстрантите носеа транспаренти со пораката „Правда за Рене“.

Гуд беше убиена само неколку блока од нејзиниот дом, во област недалеку од местото каде што беше убиен Џорџ Флојд во 2020 година, настан што предизвика глобални протести против полициското насилство и расизмот.
The post Која е жената чија смрт предизвика лавина протести во САД: Агентите за имиграција убија мајка на три деца за време на рација appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: