Кој ќе биде гувернер(ка) на Народната банка?

Претседателката на државата денеска до Собранието треба да достави предлог за нов гувернер на Народната банка, за кој, според најавите, ќе се одлучува утре на пленарна седница.

Петгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај.
– Има неколку кандидати и најважно е да не дојде до тоа да не биде избран кандидат, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова минатата недела, најавувајќи дека денеска ќе го достави предлог кандидат за наследник на Ангеловска-Бежовска.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека за гувернерската позиција се во игра вонсериски искусни кандидати за кои е убеден дека ќе ја одржат макроекономската стабилност.
Еден од условите за поддршка на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ  и Владата, според Мицкоски, е стриктно бранење на фиксниот курс на денарот.
– Веќе имавме разговори со претседателката во понеделеникот на оваа тема, очекувам да ги продолжиме, до крајот на неделата ќе биде јасна позицијата. Очекувам в понеделник да биде информирано Собранието, на 20-ти ќе има седница, разговарав со претседателот на Собранието за дополнување  на дневниот ред на 20, така што рокот ќе биде испочитуван, рече Мицкоски минатата недела на новинарско прашање.
Функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска Бежовска ја извршуваше Димитар Богов (2011-2018), а претходно Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).
Овластувањата и задачите на гувернерот на НБ се уредени во  Член 48 од Законот за Народна банка.Пропишано е дека гувернерот ја претставува Народната банка, одговорен е за извршување на одлуките на Советот на Народната банката и за контролата на управувањето и работењето на Народната банка, врши други работи кои со овој закон не се утврдени во надлежност на Советот на Народната банка и Извршниот одбор.Во рамките на неговите овластувања, гувернерот може да ги преземе сите потребни или соодветни активности при управување и работење на Народната банка, вклучувајќи набавка на стоки и услуги, договорни обврски во име на Народната банка и вработување, како и избор на агенти на Народната банка.Гувернерот може да формира едно или повеќе работни, советодавни и други тела во врска со прашања од негова надлежност и ги дефинира нивните задачи и активности. Во рамките на правилата усвоени од страна на Советот на Народната банка, гувернерот може да пренесе некои од своите овластувања или задачи на други членови на Советот на Народната банка или на лицата со посебни овластувања и одговорности во Народната банка. Гувернерот редовно го известува Советот на Народната банка за работењето на Народната банка и спроведувањето на политиките, за прашањата поврзани со стабилноста на банкарскиот систем и за состојбата на пазарот на пари и девизните пазари, вклучувајќи ги сите настани и состојби што имале или се очекува да имаат значително влијание на работењето на Народната банка, на спроведувањето на нејзините политики, на финансискиот систем или на пазарот на пари и девизниот пазар.
Во моментов, во јавноста кружат неколку имиња како можни кандидати за нов гувернер покрај Ангеловска – Бежовска се и поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски, поранешната вицегувернерка и актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Кадиевска Војновиќ, но и Трајко Славевски – универзитетски професор и поранешен министер за финансии, кој веќе подолго време важи за еден од највлијателните економски гласови во партијата.
Неофицијално, во рамките на владејачката ВМРО-ДПМНЕ била спроведена и внатрепартиска анкета за можниот избор на гувернер, со цел да се тестира поддршката и прифатливоста на потенцијалните кандидати во јавноста и во експертската заедница.
Овој избор доаѓа во клучен економски момент, во услови на перзистентна инфлација и растечки трошоци на живот. Народната банка, преку својата монетарна политика и надзор над финансискиот систем, има централна улога во стабилизирањето на економските текови и зајакнувањето на довербата во финансиските институции.

Пронајдете не на следниве мрежи: