Кривична пријава за претседателот на РКЕ

Кривична пријава заработи и актуелниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски затоа што, како што тврдат од Управата за финансиска полиција, овозможил компанија на која требало да и биде одземена лиценцата, да продолжи да работи уште 15 месеци.
Бислимоски се товари за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
– Пријавениот М.Б. во својство на Претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што, спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци иако бил должен да отпочне постапка за одземање на лиценца за вршење на енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт-трговија на големо со еуродизел БС (Д-Е V), биодизел, еуросупер БС 95, екстра лесно 1 (ЕЛ-1) и течен нафтен гас (ТНГ) на правното лице ТРИТЕРОЛ ПЕТРОЛ ДООЕЛ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско Решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година, со што ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки, информира Управата за финансиска полиција.
Со горенаведените дејствија, како што информира Управата за финансиска полиција, Бислимоски му овозможил на ТРИТЕРОЛ ПЕТРОЛ ДООЕЛ Скопје да оствари вкупен промет од 194.520.962,00 денари и да се стекне со противправна имотна корист во износ од 14.093.576 денари.

Пронајдете не на следниве мрежи: