Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, оствари средба со претставници на Европскиот парламент, во рамки на 25-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија.
Како што известуваат од Левица, во разговорот за реформската агенда на Владата, Крмов посочил дека квантитетот на реформите не можат да бидат замена за нивниот демократски и правен квалитет. Како примери ги посочил проблемите со Законот за Судскиот совет, кој и по донесувањето беше предмет на корекции, односно вратен, како и Законот за рестриктивни мерки, оценувајќи дека токму ваквите случаи покажуваат дека зад формалната реформска динамика остануваат сериозни слабости во начинот на кој власта ги креира законските решенија.
„Централно прашање на средбата беше Изборниот законик и системската дискриминација на Левица, како еден од најеклатантните примери за демократскиот дефицит што останува зад декларативната реформска агенда на Владата. Тој посочи дека неопходните измени на изборното законодавство годинава не беа донесени поради уценувањето на ДПМНЕ во последен момент да се вклучи и дијаспората.
Последицата од постојниот Изборен законик, како што ја опиша и Крмов на средбата беше апсурдна: Левица, иако парламентарна партија со шест пратеници и сопствена пратеничка група, единствена не беше опфатена во распределбата на ППР, односно остана без воопшто можност за рекламирање, па имавме и ситуација каде што во вториот круг на изборите за градоначалник на Скопје, беа присутни реклами само од кандидатот на ДПМНЕ наспроти ниту една реклама на кандидатот на Левица – Амар Мециновиќ.
Оваа состојба и факт предизвика вчудоневидување кај претставниците на Европскиот парламент и во дискусијата беше изразено сериозно негодување за можноста парламентарна политичка сила да биде доведена во ваква положба, при што беше посочено дека таквата нерамноправност е незамислива во демократски изборен процес во рамки на ЕУ. Претставниците најавија дека случајот со третманот на Левица и проблемот со изборното законодавство ќе бидат нотирани во нивните извештаи.
На крајот, Крмов го повтори ставот дека европската иднина треба да се гради врз дипломатија, соработка и надминување на политиката на трајни конфронтации и воспоставување мир“, соопшти партијата Левица.
The post Крмов се сретна со претставници од Европскиот парламент: „Дискриминацијата и цензурата на Левица ќе бидат нотирани во европските извештаи“ appeared first on Во Центар.



