Културата како обединителен фактор во време на промени

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, го одржа своето обраќање на третиот Форум за културна дипломатија, кој се одржува во Музејот на македонската борба, под покровителство на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Четвртата сесија на Форумот, на која домаќин беше Љутков, се нарече „Уметноста како алатка за дипломатија: Градење мостови преку култура/Оспособување на креативните индустрии за одржлив развој и меѓународен дијалог“. Настанот обедини говорници како Абдулазис Отман Алтваиџри, генерален директор на ИСЕСКО; Бенедето Закироли, претседател на Европската коалиција на градови против расизмот; Пенг Гуан, основач на Меѓународното азиско културно друштво и Мелпомени Корнети, поранешен заменик-министер за култура.
Во своето обраќање, министерот Љутков нагласи дека во период на политички ограничувања и променливи економски интереси, културната сцена останува единствениот стабилен фактор што ги обединува луѓето. Културната дипломатија претставува најдлабока форма на комуникација која симболично гради мостови преку различностите, преминува граници и отвора нови врати за меѓусебно разбирање и доживотни пријателства меѓу народите. Тоа не е говор преку формални изјави, туку преку симфонии, уметнички дела, поезија и гестови кои ја допираат душата, рече Љутков.
Тој истакна дека македонската култура е богата не само со историско минато, туку и со својата актуелна динамика. Културната дипломатија е деликатен и двостран процес на размена, кој автентичноста ја претвора во мост за подобро разбирање. Наместо самопромоција, таа цели кон споделување на идентитетот, креативноста и визијата на еден народ, изјави Љутков.
Министерот потсети дека Македонија низ годините се етаблираше на светската културна сцена преку соработка со организации како УНЕСКО, Советот на Европа и други значајни организации. Од учеството на Венецијанското биенале, преку книжевните саеми во Франкфурт, Париз и Лајпциг, до настапите на Националната опера и другите културни изведби, македонската култура зборува јазик што го разбираат сите народи. Со настани како Денови на македонската култура, во престижни европски центри, Македонија се позиционира како активен актер во обликувањето на европската културна иднина.
Љутков порача дека културната дипломатија не треба да биде периферен концепт, туку централно точка на нашата надворешна политика. Оваа дипломатија не е монолог, туку дијалог меѓу идентитети. Кога е искрена и полна со почит, не само што гради мостови, туку и урива ѕидови на предрасуди и стереотипи.
The post Културата како обединителен фактор во време на промени appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: