Владата да воведе данок на екстра профит за енергетските компании, предлага Левица по примерот на неколку земји членки на ЕУ кои имаат сличен предлог.
– Пет земји од ЕУ бараат данок на екстрапрофит за енергетските компании. Ова прашање е целосно релевантно и за Македонија. Особено во услови кога нема доволно јасна контрола врз тоа што се случува со количините што биле во оптек, со ефектите од поволните промени на цените на енергенсите и со состојбата на комерцијалните залихи.
Ако за трговците има подобри услови, пониски набавни цени или поволни пазарни движења, тогаш тоа мора да го почувствуваат и граѓаните, а не неколку фирми со енормно зголемување на профитите. Во спротивно, станува збор за класично прелевање на кризата врз народот, додека фирмите профитираат.
Кога народот плаќа поскапи сметки, поскап превоз и поскап живот, а компаниите прават милионски добивки од кризата, тогаш тоа не е успех, туку грабеж спакуван како пазар. Според тоа, оние што профитираат од кризата, мора повеќе да придонесат за општеството. Данокот на екстрапрофит не е казна, туку минимум правда.
Не смее повторно товарот да падне врз народот, а бенефитот да остане кај големите компании. Потребна е контрола, транспарентност и јасна политика што ќе обезбеди секоја поволна промена на цените и секое движење во залихите да биде во интерес на јавноста, а не на приватниот профит, велат од Левица.



