Лаекенски индикатори за сиромаштија покажуваат дека 21,9% од граѓаните во Македонија живеат под прагот на сиромаштија, со највисок ризик кај самохраните родители и децата. Овие податоци не се само социјален аларм туку и јасен показател за неуспехот на економските политики во државата. Кога секој петти граѓанин не може да обезбеди основен животен стандард, а кај семејствата со три и повеќе деца сиромаштијата достигнува 55%, повеќе не зборуваме за изолирани социјални проблеми туку за длабока структурна нееднаквост, се вели во соопштението од Левица.
„Особено загрижува фактот што без пензии и социјални трансфери стапката на сиромаштија би изнесувала неверојатни 39,4%. Тоа значи дека пазарот на труд и економскиот модел не создаваат доволно инклузивен раст туку државата преку пензии и социјални трансфери само амортизира дел од последиците. Високата сиромаштија кај невработените (45,7%), самохраните родители (45,8%) и децата (29,5%) укажува на сериозен недостаток на таргетирани политики за заштита на ранливите категории. Наместо долгорочни инвестиции во квалитетно вработување, детска заштита, достапно образование и социјална инфраструктура, сведоци сме на краткорочни мерки кои имаат ограничен ефект“, велат од Левица.
Од партијата посочуваат дека особено е поразителен податокот дека речиси секое трето дете во државата живее во сиромаштија.
„Тоа не е само социјален проблем, туку директен ризик за идниот човечки капитал, продуктивноста и долгорочниот економски развој. Ова е последица на економски модел кој го фаворизира формалниот макроекономски раст, а недоволно ја адресира распределбата на богатството и квалитетот на живот. Не е доволно да се говори за инвестиции, БДП и фискална дисциплина ако значителен дел од населението останува исклучен од придобивките на економијата. Затоа Левица апелира дека е неопходен сеопфатен социјално економски пристап заснован на политики што ќе придонесат кон праведна распределба на доходот, зајакнување на куповната моќ и подобрување на животниот стандард. Тоа подразбира поефикасен даночен систем со прогресивно оданочување, политики за раст на продуктивни и одржливи плати, засилена поддршка за семејствата и ранливите категории, активни мерки за вработување и развој на посилна јавна социјална инфраструктура“, стои во соопштението на Левица.



