Лицата со посебни потреби во Северна Македонија сè уште се соочуваат со пречки

Во пресрет на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Народниот правобранител и ХЕРА, како дел од Националниот механизам за следење на спроведувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, денес во Центарот за социјално претпријатие во Скопје организираа настан посветен на спроведувањето на Конвенцијата во нашата земја.

Васка Бајрамовска Мустафа, државен советник од Тимот за следење на Конвенцијата при Народниот правобранител, нагласи дека со ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во декември 2011 година, државата се обврза да ги почитува правата на лицата со попреченост и да придонесе за достоинствен живот за овие граѓани, преку унапредување, заштита и целосно уживање на сите човекови права и слободи.

Според Конвенцијата, државата мора да создаде можности овие лица да бидат вклучени во сите сфери на општеството, на еднаква основа со другите.

„Сепак, лицата со посебни потреби, не само во нашата земја, туку и низ целиот свет, сè уште се соочуваат со широк спектар на повреди на човековите права, вклучувајќи дискриминација, стигматизација и изолација. Многу од нив немаат пристап или имаат тежок пристап до јавни услуги и добра, до здравствена заштита, образование, социјални услуги во заедницата и можности за вработување. Недостасува одржлива и целосна практична имплементација на Конвенцијата, затоа се потребни многу напори од сите нас за да може нашето општество да се нарече навистина праведно и инклузивно. Свесни сме за предизвиците, кои се системски и долгорочни, како и за потребата од јакнење на лицата со попреченост и зголемување на нивната информираност и свест за правата што им следуваат и механизмите за заштита што им се достапни. Исто така, ја нагласувам важноста на учеството на лицата со попреченост, кои, во соработка со Народниот правобранител, спроведуваат активности за промоција, заштита и следење на остварувањето на нивните права, согласно домашното и меѓународното законодавство“, рече Бајрамовска Мустафа.

Весна Матевска, раководител на програмата во ХЕРА, нагласи дека промената започнува кога ги слушаме потребите и предизвиците на луѓето и кога ќе престанеме да ги игнорираме.

„Не треба да дозволиме човековите права да зависат од добрата волја, личните познанства или административната „среќа“. Секој човек има права, но за да ги ужива мора да има пристап до институции и услуги, образование, транспорт, здравство, култура… За време на 16-те дена активизам против семејното насилство и родовото насилство, особено апелирам за безбеден и загарантиран пристап до специјализирани услуги за поддршка на жртвите, како и до Центрите за социјална работа и полицијата“, рече Матевска.

За време на дискусијата, учесниците споделија реални искуства и предизвици од нивниот живот, како што се: тежок пристап до процесот на функционална проценка според МКФ, особено во стручните тела на Службата за функционална проценка на деца и млади во Скопјe; • нередовни исплати на давателите на социјални услуги, што влијае на континуитетот и квалитетот на поддршката за корисниците; • недостаток на образовни асистенти за многу ученици со попреченост, особено во основните училишта; • млад човек кој не може да влезе во ординацијата на својот матичен лекар бидејќи нема пристапна рампа; Овие лични приказни, како што е наведено во соопштението на ХЕРА, јасно ја открија реалноста: иако правата постојат, пристапот до нивно остварување е тежок.„Лицата со попреченост секојдневно го доживуваат недостатокот на целосна имплементација на законските решенија. Одговорност на институциите е да ги надминат овие празнини без одложување. Конвенцијата за правата на лицата со попреченост мора да се спроведува на одржлив начин и на сите нивоа. Таа не е само меѓународна обврска, туку и суштинска основа за создавање сеопфатни политики и програми, како и достапни услуги на национално и локално ниво“, заклучува ХЕРА.
The post Лицата со посебни потреби во Северна Македонија сè уште се соочуваат со пречки appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: