Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги засили мерките за лична безбедност и најавува јавни настапи во последен момент, поради растечките тензии со Соединетите Американски Држави, објави „Фајненшл тајмс“.
Според весникот, неодамнешните собири во Каракас се одржале пред помали и внимателно одбрани групи поддржувачи, со забележливо отсуство на високи функционери, што аналитичарите го сметаат за значајна промена во споредба со претходниот период.
Во последните недели , САД распоредија 12 воени бродови , вклучувајќи го и носачот на авиони „УСС Џералд Форд“, и извршија најмалку 21 напад врз бродови надвор од венецуелските води. Мадуро ги гледа овие потези како вовед во обид за „промена на режимот“, пишува весникот.
Воениот аналитичар Хозе Гарсија рече дека Мадуро применува класични безбедносни протоколи , со посилно потпирање на кубанските разузнавачки структури. Двајца активни разузнавачи за весникот изјавија дека „паранојата расте во венецуелските служби и верувањето дека секој е потенцијален предавник“.
Политикологот Даниел Ариас проценува дека Мадуро внимателно ја следел ескалацијата меѓу Израел и Иран во јуни, за време на која САД ги оштетиле нуклеарните постројки на Иран , што дополнително го зголемило неговото чувство на закана.
Извори од владејачката партија проценуваат дека преговорите со САД би биле неповолни за повеќето партиски функционери, додека тие веруваат дека изборите би претставувале „најдобро сценарио“. Доналд Трамп изјави дека преговорите со Мадуро би биле можни, додека неговата администрација објави дека Картел де Лос Солес ќе биде прогласен за странска терористичка организација на 24 ноември.
Американските медиуми објавија дека венецуелските власти сигнализирале подготвеност за оставка на Мадуро во рок од две до три години, во замена за деескалација, што Белата куќа наводно го отфрлила. Сепак, венецуелскиот министер за внатрешни работи Диосдадо Кабело негираше дека таква понуда некогаш постоела.
Претставникот на владејачката партија изјави дека во случај на американски напад, Мадуро ќе мора да реагира за да го зачува својот кредибилитет, па дури и со акција како што е упад во американската амбасада , иако американските дипломати ја напуштија Венецуела уште во 2019 година.
The post Мадуро под опсада? Засилена безбедност откако САД испратија носач на авиони appeared first on Во Центар.



