Голема трагедија ја потресе Македонија откако во страшната сообраќајна несреќа на скопската обиколница животот го загубија четворица патници, меѓу кои и тројца млади момчиња на само 20-годишна возраст. Станува збор за Марко Ѓорѓиевски, Петар Миланов и Адам Велков, како и таткото на Адам, познатиот оперски баритон Ристе Велков. Според информациите, трагедијата се случила кога 76-годишен возач од Косово, управувајќи камион „МАН“ со полуприколка, изгубил контрола врз возилото, ја пробил заштитната ограда и преминал на спротивната коловозна лента, по што директно се судрил со автомобилот „БМВ“ во кој се наоѓале четворицата. Од силината на ударот избувнал огромен пожар, при што автомобилот целосно изгорел. На терен веднаш интервенирале пожарникари, полиција и екипи на Итната помош, но за патниците немало спас.
Веста за смртта на младите другари и нивниот татко предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи. Пријатели, роднини и граѓани се простуваат од нив со потресни пораки, истакнувајќи дека станувало збор за добри, воспитани и насмеани момчиња, пред кои допрва бил животот. По наредба на јавен обвинител, возачот на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а истрагата за причините за една од најстрашните сообраќајни несреќи во последниот период е во тек.
The post Македонија завиена во црно: Марко, Петар и Адам имаа само 20 години – животот беше пред нив appeared first on Во Центар.



