Министерот за одбрана Владо Мисајловски ја поддржува идејата за воведување на задолжителна воена служба во Македонија, но нагласува дека земјата во моментов нема доволно финансиски и просторни ресурси за нејзино спроведување. Тој ја даде оваа изјава за време на посетата на велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“.
„Јас лично го охрабрувам овој потег. Младите треба да имаат можност за такво искуство, но треба да се земат предвид финансиите и капацитетите. Во моментов тоа не е изводливо, но во иднина, доколку се оцени дека е потребно, сум подготвен да го спроведам“, нагласи Мисајловски.
Посетата беше повод за свеченото положување заклетва на 296 млади професионални војници, меѓу кои 26 девојки, кои ќе служат во Командата за обука и доктрини. Министерот најави дека поради големиот интерес за воена кариера, до крајот на годината ќе биде објавен нов конкурс за регрутирање.Дополнително, Мисајловски најави дека е подготвена одлука за статусот на професионалните војници над 45 години, која наскоро ќе биде објавена и ќе утврди како ќе бидат згрижени по завршувањето на активната служба.
The post Македонија и министерот за одбрана ја поддржуваат задолжителната воена служба appeared first on Во Центар.



