Македонија и Хрватска ја подигнуваат соработката на уште повисоко ниво со денешното потпишување на Договорот за стратешка соработка меѓу двете влади.
Договорот е повеќе од дипломатски акт, оцени премиерот Христијан Мицкоски кој денеска во Охрид го пречека неговиот хрватски колега Пленковиќ со кого го потпиша Договорот за стратешка соработка.
– Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна политичка определба за продлабочување на нашите односи во области кои се од суштинско значење за иднината на двете држави. Нашата стратешка соработка ќе биде заснована врз принципите на заемно почитување, целосно уважување на суверенитетот, меѓународното право и заедничките интереси на нашите граѓани. рече Мицкоски.
Двете држави ќе работат на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, сајбер безбедноста и управувањето со границите.
Договорот отвора простор за подлабока поврзаност меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници на двете земји.
На прес-конференцијата, Мицкоски се заблагодари за континуираната поддршка од Хрватска на патот на Македонија кон ЕУ, додавајќи дека за жал македонскиот пат кон ЕУ е исполнет со неприципиелни блокадипоради што се доведува во прашање интегритетот на самиот процес.
– Но сакаме да веруваме во Европа – во вредностите, принципите и во Европа што препознава реформи, посветеност и резултати, рече Мицкоски.
Хрватскиот премиер рече дека единственото отворено прашање што Македонија го има на патот кон ЕУ се односите со Бугарија и дека се очекуваат првите контакти меѓу двете влади.
– Имаме стар претседател и нов премиер, господинот Радев, па ги очекуваме првите контакти, првите чекори што ќе ги направите на тоа ниво. Го следиме дијалогот што го имавте на министерско ниво и ќе настојуваме да ви помогнеме да се премостат пречките што постојат во тој процес, истакна Пленковиќ.
За предлогот на германскиот канцелар, Пленковиќ рече дека тоа е очекувано писмо, кое пред сè се однесува на Украина.
– Тоа за мене не е неочекувано, тоа е плод, на повеќемесечни размислувања, кои долго се присутни во Берлин. За тоа разговаравме на Самитот во Загреб, тоа беше самит на нашите сестрински партии од семејството на Европските народни партии (ЕПП), каде што беше сосем јасно дека очекувањата во тоа писмо, пред сè, се однесуваат на европската перспектива на Украина. Нема да може да излезат во пресрет на она што Украина го преживувала, особено во контекст на мировните преговори иницирани од страна на Соединетите Американски Држави, кои подразбираат полноправно членство, рече Пленовиќ.
Прес-конференција на премиерите Мицкоски и Пленковиќ (во живо)
The post Македонија и Хрватска ја подигнуваат соработката на повисоко ниво appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



