Македонија нема да игра на СП 2021!

Европската куќа на ракометот денеска преку соопштение ги потврди двојните лоши вести за македонскиот ракомет, дека Вардар без борба е елиминиран од Лигата на шампионите, додека македонската репрезентација нема да игра на СП 2021, по откажувањето на баражите за мундијалот во Египет, објавува Екипа.мк
Коронавирусот предизвика хаос во ракометниот спорт, па челниците на ЕХФ беа принудени да експериментираат со термините за претстојниот период. Фајналфор турнирот од Лигата на шампионите беше презакажан за крајот на декември, а денеска беше објавено дека осминафиналните и четвртфиналните дуели се откажуваат.

Ова значи дека ниту Вардар ниту Пик Сегед нема да бидат дел од настанот во „Ланксес Арена“ во Келн, каде ќе се пласираат двете најдобри екипи од групите А и Б, конкретно Барселона, ПСЖ, Кил и Веспрем.
Што се однесува до баражите за СП 2021, во кои Македонија требаше да игра со Франција, истите се откажани, а патниците за мундијалот во Египет се именувани според пласманот на последниот европски шампионат (Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Австрија, Унгарија, Белорусија, Исланд, Чешка, Франција), заедно со веќе пласираните Шпанија, Хрватска, Норвешка и Данска.
Предвреме се завршени и квалификациите на женската ракометната репрезентација за ЕП 2020. „Црвено-жолтите“ секако беа без шанси за пласман, но со одлуката на ЕХФ сите групи се откажуваат до крајот на квалификацискиот циклус, а на европскиот шампионат се пласираат: Франција, Русија, Холандија, Романија, Шведска, Унгарија, Црна Гора, Германија, Србија, Шпанија, Словенија, Полска, Чешка, Хрватска и ко-домаќините Норвешка и Данска.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.