Македонија ја одбележува 122 – годишнината од смртта на револуционерот Гоце Делчев

Македонија одбележува 122 години од погибијата на националниот херој и клучен деец на Македонската револуционерна организација –  Гоце Делчев.  Денеска на неговото вечно почивалиште во црквата Свети Спас, со панихида од поглаварот на Македонската православна црква – г.г Стефан, започна церемонијата на одавање почит кон ликот и делото на македонскиот великан.  Г.г Стефан, испрати порака дека љубовта кон својот народ и кон својата татковина е богоблагословено дело.

Претседателката Сиљановска Давкова, истакна дека Гоце Делчев е дел од нашата историја, сегашност и иднина.
Гордана Сиљановска Давкова – Претседателка на Република Македонија: Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи.
Премиерот Христијан Мицкоски го карактеризираше Гоце Делчев како титан со регионално и пошироко значење, а неговата борба за Македонија – безвременска.
Лидерот на опозициската СДСМ – Венко Филипче, оцени дека дел од пораките на Гоце Делчев биле поактуелни денеска отколку во времето во кое тој живеел.
Исто така, денеска беше доделена и државната награда „Гоце Делчев” за особено значајно остварување во научните области од интерес на Македонија, а наградата ја добија група автори за научното дело „Македонски дијалектен атлас„
Македонскиот дијалектен атлас во себе вклучува дијалекти од целата македонска дијалектна територија вклучувајќи ја и Пиринска и Егејска Македонија, како и делови од Албанија.

Пронајдете не на следниве мрежи: