Генералниот комитет на светска федерација на кинолошки сојузи донесе одлука за привремено признавање на „Македонското овчарско куче Караман“, со што оваа раса добива меѓународен статус во рамки на светската федерација на кинолошки сојузи.
Одлуката била усвоена на 11 февруари во Рим, а веста ја објави претседателот на Кинолошкиот сојуз на Македонија, Јордан Христовски, оценувајќи го денот како „историски за македонската кинологија“.
Според него, привременото признавање претставува кулминација на три децении работа, посветеност и напори за зачувување и ревитализација на оваа автохтона раса. Тој нагласи дека одлуката носи и одговорност за идните генерации, кои треба да го продолжат процесот кон целосно меѓународно признавање.
Во објавата се потсетува на почетоците на организираното одгледување на караманот, вклучително и работата на првите одгледувачи Влатко и Марјан Костовски, формирањето на Клубот за Македонско овчарско куче Караман во 2004 година и одржувањето на првата специјализирана изложба во 2010 година.
Како значаен чекор се посочува и 2021 година, кога расата за првпат била претставена пред меѓународната кинолошка јавност.
-Особено значаен чекор беше направен во 2021 година, кога под мое водство Караманот за прв пат беше претставен пред меѓународната кинолошка јавност, со што се подготви глобалната сцена и се олесни патот кон ова важно признание. Денес, по три децении работа и упорност, оваа победа ќе биде запишана со златни букви во историјата на македонската кинологија. Во оваа пригода, би сакал да изразам посебна благодарност до Илија Ико Каров, претседател на Македонскиот клуб за овчарски кучиња Караман, за неговата неуморна посветеност, визија и упорна работа низ годините, без кои овој историски момент не би бил можен. Исто така, изразувам најдлабока благодарност до претседателот на FCI, Тамаш Јакел, како и до членовите на Генералниот комитет на FCI, за нивната безусловна поддршка во текот на целиот процес на признавање – напиша тој на Фејсбук.



