Македонските основци најбројни и најатрактивни на фестивалот за народни песни и ора во Монтекатини Италија

Македонската музичка експедиција на хорот и оркестарот на ООУ „Кузман Јосифовски Питу заблеска на сцената на Монтекатини Терме, Италија“. Диригирани од наставничката по музичко, проф.Вера Ангеловска настапија на 11-от Интернационален фестивал на народни песни и ора, насловен под мотото „Претстави ја својата традиција“.
Со поддршка од Министерството за култура, овие наши талентирани ученици, беа вистински млади културни амбасадори на својата земја, дословно претставувајќи ги македонските традиционални обичаи и народни песни на два одржани концерта.

Со својата детска раздраганост и ведрина, хорот и оркестарот изнудија аплаузи на централниот плоштад во Монтекатини Терме, каде се слушнаа нашите познати македонски изворни песни „Јовано Јованке“ и „Македонско девојче“, а ги прикажаа и обредните (обичајни) песни од народната македонска лирика „Водичарки“ и „Невестинска песна“.

Интересно е што граѓаните на овој прекрасен италијански град, како и туристите, не ги криеја симпатиите кон македонската експедиција и за време на парадата која беше составен дел од официјалното отворање, довикуваа „Мачедоне“, „Мачедоне“… Во публиката имаше и Македонци од околните италијански гратчиња, кои специјално беа дојдени за да им дадат поддршка на нашите ученици, а самата атмосфера направи да запеат заедно со македонскиот хор. Се вееше македонското знаме на улиците на Монтекатини, како официјален симбол на нашата делегација, но, се вееше и во рацете на Македонците во публиката.

Настапот на отворањето на овој престижен музички фестивал ќе остане запаметен, по тоа што официјално бевме најбројна група која настапила на досегашните единаесет фестивали под мотото „Meet the tradition“ и единствена група која ја сочинуваат исклучиво ученици од основно училиште.

На фестивалот учествува културно-уметнички друштва, музички групи од повеќе земји и тоа Северна Македонија, Турција, Бугарија, Словачка, Полска, Литванија, Естонија, Израел и Ирска.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.