Македонски новинари и медиуми финансирани од грчки тајни фондови

 

Околу еден милион евра од тајните фондови на грчкото МНР биле искористени за финансирање на медиуми во Македонија и Албанија и за поддршка на православни цркви, според информациите што ги објавува информативниот грчки портал “Ајефимерида“. Како што јавува дописничката на МИА од Атина за конкретниот текст реагираше претседателот на грчкиот Парламент и кабинетот на Ципрас, а според „Ефимерида тон синдактон” обвинителството наредило истрага за објавување доверливи информации.
Новинарот од Ајефимерида пишува дека информациите се од 10 октомври, последниот пат кога за тајните фондови бил известен грчкиот Парламент, односно една седмица пред кавгата на Каменос и Коѕијас на Владината седница.
– Според информациите, во запечатениот документ што во Парламентот го донесе специјален службеник од Министерството за надворешни работи имаше три кодови, додека пак вкупниот износ ставен на располагање изнесуваше околу 1.000.000 евра. Првиот код се однесуваше на парите распределени на медиуми во Албанија. Вториот код се однесуваше на финансирање на медиуми во поранешната југословенска Република Македонија. Третиот код се однесуваше на средства што беа распределени за поддршка на православни цркви и главно на православието, објави грчкиот портал.
На прашањата на потпретседателите на Парламентот зошто биле финансирани медиуми во Македонија и Албанија, според Ајефимерида било објаснето дека тоа е „за да постојат позитивни написи за Грција и да се лобира кај тамошните новинари или раководствата на медиумите во корист на грчките интереси”.
Претходно, со соопштение реагираше кабинетот на грчкиот премиер, во кое вели дека „невидената бедност на порталот да објавува наводни информации за распределувањето на тајните фондови на Министерството за надворешни работи директно ги задира националните интереси” и обвини дека зад тоа стои “Нова демократија“.
– Ако господинот Мицотакис сака да се информира за тајните фондови да побара итно средба со премиерот, соопштуваат од кабинетот на Ципрас.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.