Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека никогаш немало разговори за распоредување француски или француско-британски сили во Ормутскиот теснец.
Тој истакна дека Франција е подготвена да дејствува, но дека нејзин приоритет е слободата на пловидбата и крајот на блокадите на меѓународните поморски патишта.
Макрон, како што пренесува BFM TV, изјавил дека пред неколку дена било одлучено носачот на авиони „Шарл де Гол“ , заедно со придружните фрегати и целата воздухопловно-морска група, да се премести од Источниот Медитеран во областа надвор од теснецот Баб ел-Мандеб, во поширокиот регион во близина на кризните зони.
Тој нагласи дека не станува збор за распоредување во смисла на ескалација, туку за подготвеноста на француските сили.
Макрон, како што објави Фигаро, додаде дека ставот на Париз од почетокот на кризата во Ормутскиот теснец е јасен и дека се залага за слобода на пловидба, укинување на блокадите и деескалација на тензиите, со повик за враќање на преговорите за нуклеарните и балистичките прашања во согласност со меѓународното право.
„Од самиот почеток зборуваме за едно едноставно нешто – слобода на навигација, прекин на блокадата и овозможување непречен сообраќај“, рече Макрон.
Тој изјави дека за ова разговарал и со своите партнери, нагласувајќи дека последиците од кризата се глобални и дека сите страдаат од неа, вклучително и Африка, како и граѓаните на Франција кои, како што рече, „плаќаат цена на војна што не ја сакале“.
„Париз не се залага за воена ескалација“
Францускиот претседател потсети дека Париз не се залага за воена ескалација , туку во соработка со Велика Британија започна посебна меѓународна мисија во која учествуваа околу 50 земји и меѓународни организации, со цел да се обезбеди безбедна и координирана поморска пловидба.
Според него, целта е да се овозможи непречен проток на стоки, вклучувајќи енергија, храна и ѓубрива, штом ќе се создадат соодветни услови.
Макрон повика на деескалација на тензиите и воздржаност, предупредувајќи дека вербалната ескалација може да доведе до понатамошно влошување на ситуацијата на терен.
„Повикувам на враќање на смиреноста и одговорноста. Приоритет мора да биде мирното и договорено отворање на Ормутскиот теснец“, рече Макрон.
Тој додаде дека Франција останува подготвена да учествува во наоѓањето решение во рамките на меѓународното право и преку продолжување на одговорните преговори за нуклеарните и ракетните програми .
Изјавата на Макрон дојде кратко откако заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека присуството на странски воени сили во стратешкиот Ормузски теснец, вклучувајќи британски и француски бродови, ќе се смета за ескалација и ќе наиде на цврст одговор.
Како што изјави Гарибабади, секое распоредување на дополнителни разорувачи надвор од регионот околу Ормутскиот теснец, под изговор за „заштита на бродови“, претставува ескалација на кризата, милитаризација на клучен поморски пат и обид за прикривање на вистинските причини за несигурност во регионот.
The post Макрон: „Немаше разговори за распоредување сили во Ормутскиот теснец“ appeared first on Во Центар.



