Макрон ја одложи изборната реформа во Нова Каледонија поради големите немири

Најмалку шест лица загинаа во протестите кои траеја повеќе од една недела поради парискиот план со кој право на глас би добиле илјадници француски граѓани кои живеат во Нова Каледонија повеќе од десет години

Францускиот претседател Макрон патува во Нова Каледонија во обид да ја реши политичката криза / Фото: EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Нова Каледонија изјави дека ќе ги одложи изборните реформи што предизвикаа смртоносни немири на островот под француска власт.

Говорејќи во главниот град Нумеа по средбата со локалните политички лидери, Макрон рече дека неговата крајна цел останува предложениот закон да помине, но само доколку се постигне мир на островот и се постигне поширок консензус за иднината на островот.

„Посветен сум на тоа да не ја спроведувам оваа реформа со сила“,

рече тој.

Најмалку шест лица загинаа во протестите кои траеја повеќе од една недела поради парискиот план со кој право на глас би добиле илјадници француски граѓани кои живеат во Нова Каледонија повеќе од десет години.

Макрон: Мојата главна цел е да го вратам мирот

Франција тврди дека мерката е неопходна за да се подобри демократскиот процес на островот, каде што речиси четвртина од населението е од европско потекло.

Водачите на домородниот народ Канак веруваат дека овој закон ќе го ослабне нивниот глас и ќе им го отежне одржувањето на референдумот за независност во иднина.

Макрон, кој пристигна на островот рано утринава, рече дека неговата главна цел е да го врати мирот, да ја врати контролата врз областите погодени од насилство и да започне политички дијалог.

На сила е вонредна состојба

Вонредната состојба ќе биде укината кога ќе се отстранат блокадите на патиштата, додаде францускиот претседател. Тој најави дека за еден месец ќе ја процени состојбата и ќе донесе одлуки за понатамошните чекори.

Макрон смета дека изборната реформа има демократски легитимитет бидејќи ја изгласаа претставниците во Париз и дека нема сомнеж за легитимноста на референдумот во 2021 година на кој мнозинството од населението гласаше против независноста.

Партиите за независност го бојкотираа гласањето, како и многу луѓе од Канак, наведувајќи ја пандемијата на ковид-19 и други причини.

Пронајдете не на следниве мрежи: