Макрон ја поздрави одлуката на Врховниот суд на САД за поништување на царините на Трамп

Францускиот претседател Емануел Макрон ја поздрави одлуката на Врховниот суд на САД за поништување на широк спектар на царини од 10 проценти воведени од американскиот претседател Доналд Трамп минатата година, велејќи дека е добро да има контрола и рамнотежа во владеењето на правото и демократијата.

„Не е лошо да има Врховен суд и владеење на правото во демократијата“, рече Макрон, додавајќи дека Франција ќе ги разгледа последиците од глобалните царини од 10 проценти што Трамп ги воведе синоќа, пренесува Ројтерс.

Новововедените американски царини, како што најави Трамп, ќе стапат на сила „речиси веднаш“.

„Чест ми е што штотуку потпишав, во Овалната соба, глобални царини од 10 проценти за сите земји, кои ќе стапат на сила речиси веднаш“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth social.

Одделно, Трамп им рече на судиите на Врховниот суд кои гласаа за укинување на царините дека треба да се засрамат.

Откако Врховниот суд ги поништи тарифите што ги наметна Трамп минатата година, тој на прес-конференција во Белата куќа објави дека ќе потпише наредба со која се воведуваат глобални тарифи од 10 проценти според Член 122, кој му овозможува на американскиот претседател привремено да воведе „привремен дополнителен данок за увоз“ до 15 проценти ако утврди дека постојат „големи и сериозни“ дефицити во платниот биланс за да се спречи „непосредна“ и „значајна“ девалвација на американскиот долар на девизните пазари.

Тој, исто така, најави дека ќе покрене неколку истраги и други постапки по Член 301 за, како што изјави, да ги заштити Соединетите Американски Држави од нефер трговски практики од други земји и компании.

Тој ги нарече судиите на Врховниот суд кои гласаа за поништување на широк спектар на глобални тарифи „нелојални“.

„Тие се многу непатриотски настроени и нелојални кон нашиот устав. Моето мислење е дека судот бил под влијание на странски интереси и политичко движење кое е многу помало отколку што луѓето би помислиле“, рече Трамп.
The post Макрон ја поздрави одлуката на Врховниот суд на САД за поништување на царините на Трамп appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: