Марта Кос: Важно е да се испорачаат преостанатите обврски

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски порача дека е важно да се испорачаат преостанатите обврски и земјата да продолжи напред во процесот на пристапување во Европската Унија.

Во нејзината објава на социјалната мрежа Х, Кос вели дека со Муцунски имале отворена дискусија за идните чекори на европскиот пат на Македонија, кој таа вели дека силно го поддржува, како и за Планот за раст.

Дополнително, ја поздрави целосната усогласеност на Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на Европската Унија, како и помошта која земјава ја дава на Украина.

Шефот на македонската дипломатија пак во интервју за „Политико“ нагласи дека Македонија не е подготвена на уставни измени кои ги бара Бугарија, ако не добие цврста гаранција од Европската Унија дека ова е последното барање на Софија.

– Нашиот страв е: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот? – истакна Муцунски, осврнувајќи се на процесот на европска интеграција на земјава.

Пронајдете не на следниве мрежи: