Најмалку 40 деца од различни одделенија во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затруле од храната што ја консумирале вчера во училиште, потврди Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
По првите пријави утрово дека голем број ученици се пожалиле на болки во стомакот, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје ИЈЗ и Центарот за јавно здравје, започнаа вонреден инспекциски надзор на училишната кујна. Кујната е привремено затворена додека не се утврди можниот извор на труењето.
Според националниот протокол, се спроведува епидемиолошка истрага и земени се примероци од храна, работни површини, прибор и опрема за лабораториско тестирање.
АХВ најави дека по завршувањето на инспекциите, јавноста ќе биде информирана за резултатите и преземените мерки.
Тим составен од техничар и епидемиолог од ИЈЗ продолжува да останува на лице место во училиштето „Димо Хаџи Димов“. Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, изјави дека се земени брисеви од рацете, носот и грлото на персоналот во кујната, како и од работните површини. Земени се и примероци од храната што ја консумираат учениците, а на инсистирање на Институтот, земени се и примероци од вода.
„Во постојана комуникација сум со тимот на терен. Тие сè уште не се вратиле за да дадат подетални информации, но сите протоколи беа веднаш спроведени. Земени се примероци од секој елемент од интерес – бричеви од кујнскиот персонал, од раце, грла и носови, како и од работни површини и храна што ја консумираат децата. На наше барање, земени се и примероци од вода“, изјави Андоновска.
Институциите најавуваат дека официјалните резултати ќе бидат објавени откако ќе заврши анализата.
The post Масовно труење во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ appeared first on Во Центар.



