Маjски оперски вечери: Изведба на „Набуко“ од Џузепе Верди на 19 мај

На сцената на Националната опера и балет на 19 мај, во рамки на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“, ќе биде претставено моќното дело на Џузепе Верди, операта „Набуко“. Премиерата започнува во 20.00 часот, со музичко раководство од грчкиот диригент Мирон Михаилидис. Режисер на претставата е Ренато Бонајуто од Италија, додека сценографијата и костимите се изработени од Флавио Арбети и Артемио Кабаси, исто така од Италија. Кореографијата е дело на Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајсторот е Јане Бакевски, хор-мајсторот Јасмина Ѓорѓеска, а дизајнот на светлата го изработи Милчо Александров.
Во главната улога на Набуко ќе гледаме Луис Кансино од Шпанија, додека Ханјинг Цо од Кина ќе ја толкува Абигаиле. Николина Јаневска ја изведува улогата на Фенена, Уго Тарквини од Италија ќе го игра Исмаил, а Џовани Пароди, исто така од Италија, ќе настапи како Захарие. Дел од претставата ќе бидат и Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев, како и хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Набуко“ е опера со лирски и драматичен карактер во четири чина и се смета за едно од најпознатите дела на Верди, многу популарно меѓу публиката. Првата изведба се случила во 1842 година во престижната Миланска Скала. Ова е третата опера на Верди, која значително го потврдила неговиот авторитет како композитор. Темата се врзува со тежок историски миг за еврејскиот народ, кој бил нападнат, поразен и принуден на прогон од својата земја. Иако историските настани служат само како позадина, операта се истакнува со романтични и политички заплети. Верди ја создал прочуената хорска арија „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја“) за само една ноќ, која станала централен драматуршки и музички елемент на ова велико дело.
The post Маjски оперски вечери: Изведба на „Набуко“ од Џузепе Верди на 19 мај appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: