Италијанската премиерка Џорџа Мелони денес остро го осуди рускиот напад врз Украина со хиперсоничната ракета Орешник. Таа наведе дека цивилната инфраструктура повторно била погодена во нападот, со прогресивно зголемување на нивото на употребено оружје.
Мелони нагласи дека Италија е солидарна со украинскиот народ кој страда од драматичните последици од војната повеќе од четири години, објави Анса.
– Ќе продолжиме решително да работиме со нашите европски и меѓународни партнери со цел да го унапредиме патот кон праведен и траен мир, стои во соопштението од кабинетот на Мелони.
Најмалку две лица загинаа, а повеќе од 77 беа повредени во масовен воздушен напад на руските сили врз пошироката област на Киев во текот на ноќта, објавија денес украинските медиуми.



