Мерката притвор за Груби, заменета со куќен притвор, загрозена била неговата безбедност

По распитот во Обвинителството, на Артан Груби му е заменета мерката притвор со мерка куќен притвор. Ваква одлука, како што соопшти вечерва Обвинителството, е донесена поради тоа што тој доброволно се пријавил и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата безбедност, индиции кои биле поткрепени и со известувања од надлежните органи.
Индициите за загрозената безбедност се однесувале и на членовите на неговото семејство, велат од Обвинителството.
Во соопштението испратено до медиумите, Обвинителството наведува дека на барање на Груби во текот на денешниот ден тој бил спроведен пред надлежниот обвинител каде се вршело увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал, увидот ќе продолжи и наредните денови по што на груби ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
Груби е осомничен за проневера на државни пари во Државна лотарија. Нему му беше изречена мерка притвор во траење од 30 дена, но тој беше недостапен за органите на прогонот откако избега преку граничниот премин Блаце.
Груби, кој е поранешен вицепремиер и министер за политички систем, рано утрово беше уапсен на граничниот премин Блаце по повеќе од 14 месеци бегство преку истата граница.
Груби, според ова, вечерва сигурно ќе оди дома, со оглед на тоа дека судот не може да определи мерка која е построга од предлогот на Обвинителството.

Артан Груби избега од земјава во декември 2024, а рано утрово во добро расположение  сам пешки се врати преку граничниот премин „Блаце“ и ѝ се предаде на полицијата. Тој, заедно со уште седуммина поранешни функционери и членови на ДУИ, е осомничен за малверзации во Државната лотарија, тешки милиони евра.

Груби од Обвинителството доцна попладнево беше спроведен преку гаражите на објектите во околината на ОЈО, но и таму го чекаа новинарите. На нивните прашања тој не одговори ништо и се качи во комбето на затворската полиција, кое го одведе во Судот.

Пронајдете не на следниве мрежи: