Просечната активна транспарентност на Владата, министерствата и општините во Северна Македонија во 2026 година изнесува 82 проценти, што е подобрување за два процентни поена во споредба со минатата година. Податоците ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) по повод Меѓународниот ден на универзалниот пристап до информации, во рамки на редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност.
Истражувањето опфатило вкупно 102 институции. Министерствата и Владата во просек исполнуваат 86 проценти од обврските за активно објавување информации, додека просекот кај општините достигнал 81 процент. Сепак, зад генералното подобрување се забележуваат значителни разлики – дури 41 процент од опфатените институции годинава ја влошиле својата транспарентност во однос на претходната година.
Промена има и на самиот врв на листата. По пет години континуирано водство на Министерството за одбрана, годинава првото место го презема Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кое е единственото министерство со максимални 100 проценти активна транспарентност.
Од вкупно 20 министерства и Владата, кај 12 е регистрирано подобрување, додека кај девет институции има намалување на активната транспарентност.
Министерството за одбрана, кое во изминатите пет години имаше максимален резултат од 100 проценти, годинава се наоѓа на петтото место со 93,2 проценти исполнетост на обврските. Пад бележи и Министерството за дигитална трансформација, кое лани исто така имаше 100 проценти, а годинава е второ со 97,6 проценти.
Кај локалната власт, четири општини успеале целосно да ги исполнат критериумите за активна транспарентност. Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип имаат максимални 100 проценти. На спротивниот крај од листата повторно е Општина Лозово, која со 36,9 проценти има најниско ниво на активна транспарентност.
Интересно е што ниту една од општините што минатата година имале максимален резултат од 100 проценти не успеала да ја задржи водечката позиција.
Според ЦГК, 51 општина, односно четири повеќе од минатата година, се наоѓаат во највисоката категорија со „многу добра“ активна транспарентност. Во оваа група се вбројуваат институциите што исполнуваат меѓу 80 и 100 проценти од обврските за објавување информации од јавен карактер.
Гледано по региони, Источниот Регион и годинава останува на врвот, со просечна активна транспарентност од 91 процент. Ова е првпат еден регион да ја достигне и надмине границата од 90 проценти. Сите општини од Источниот Регион, со исклучок на една, се наоѓаат во категоријата со „многу добра“ активна транспарентност.
Југоисточниот Регион е втор со 89 проценти, а Гевгелија ја задржува водечката позиција во регионот, откако резултатот го подобрила за дополнителни четири процентни поени во однос на минатата година.
Југозападниот Регион е трет со 87 проценти. Кичево трета година по ред е најтранспарентната општина во регионот, иако годинава не го задржала максималниот резултат од претходните две години и има 98,5 проценти активна транспарентност.
Пелагонискиот Регион останува со просечни 80 проценти, а Демир Хисар годинава е регионален лидер со максимални 100 проценти.
Вардарскиот Регион бележи едно од позначајните подобрувања. Откако минатата година паднал од петтата на претпоследната позиција, годинава бележи раст од седум процентни поени и повторно се искачува на листата.
Скопскиот Регион има просечна активна транспарентност од 75 проценти. Меѓу скопските општини највисоко е рангиран Илинден со 98,5 проценти, по што следува Центар, додека Гази Баба и Карпош го делат третото место. Град Скопје е на деветтата позиција со 72,3 проценти, резултат кој е речиси идентичен со минатогодишниот.
Истражувањето покажува и значителни разлики во зависност од видот на информациите што институциите ги објавуваат. Најголема транспарентност е забележана кај информациите поврзани со слободниот пристап до информации од јавен карактер, додека финансиите и понатаму остануваат област во која институциите објавуваат најмалку податоци.
Општините годинава исполнуваат 64 проценти од обврските за активно објавување информации поврзани со буџетската и фискалната транспарентност, додека кај министерствата процентот изнесува 71. И кај двете категории сепак има подобрување во споредба со минатата година, кога општините објавувале 59 проценти, а министерствата 58 проценти од предвидените информации за своите финансии.
Проблеми се забележани и при одговарањето на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер. На сите институции им било испратено исто прашање во ист ден, а 32 проценти од нив одговориле дури по истекот на законскиот рок. Шест институции, пак, воопшто не доставиле одговор.
Податоците покажуваат дека активната транспарентност на институциите во целина продолжува да расте, но истовремено остануваат значителни слабости, особено во објавувањето финансиски информации и навременото постапување по барањата за пристап до информации од јавен карактер.



