Министерството за здравство демантира дека има недостиг на терапија на Клиниката за хематологија

Министерството за здравство вечерва ги демантираше обвинувањата дека на Клиниката за хематологија има недостиг од лекови и терапија за пациентите.

– Клиниката за хематологија останува целосно посветена на континуирано, стручно и одговорно лекување на пациентите, согласно медицинските протоколи и стандарди. Апелираме до политичките субјекти и медиумите да се воздржат од ширење непроверени информации кои предизвикуваат вознемиреност кај пациентите и нивните семејства, особено кога станува збор за чувствителни категории пациенти, велат од Министерството за здравство.

Од политичката партија Левица повикувајќи се на сведоштва од пациенти побараа од директорот на Државниот здравствен инспекторат да направи вонреден инспекциски надзор.

Во врска со ваквото барање, од Министерството велат дека
на Клиниката за хематологија последниот редовен инспекциски надзор е извршен на 4 март годинава.

– При надзорот не се констатирани недостатоци по однос на резерви на потрошен медицински материјал (шприцеви, игли, стерилни ракавици, кеси за венепункција..) како и средства за дезинфекција. Во однос на терапијата и третманот на пациентите, одлуките се во надлежност на стручните медицински тимови, стои во соопштението од ресорното Министерство.
The post Министерството за здравство демантира дека има недостиг на терапија на Клиниката за хематологија appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: