Министерството за транспорт бара извинување од СДСМ за денешните обвинувања со тендерот за електрични автобуси, а во спротивно најавува тужба за клевета.
Во реакцијата, Министерството ги оценува тврдењата на СДСМ како паушални и ги објавува четирите понуди за тендерот што беше поништен.
– Иако тендерот пропадна, во интерес на јавноста би сакале да ги објавиме понудите и причините за отфрлање на секоја од нив. Пристигнаа четири понуди од понудувачите.
Кинеската компанија Актрус со автобуси Кинг Лонг во вредност од 50 700 000 € без ДДВ, унгарско-австрискиот конзорциум Електробус Икарус- ЕВН во вредност од 50 600 000 € без ДДВ, кинеската компанија Жонг Тонг во вредност од 50 600 000 € без ДДВ и турската компанија БМЦ во вредност од 59 200 000 € без ДДВ. Поединечните цени по автобус без полнач се: Електробус/Икарус: 314 000 €, Актрус/ Кинг Лонг: 324 000 €, Жонг Тонг: 327 000 € и БМЦ: 385 000 €. Од ова се забележува дека сите цени се приближно исти, односно нема разлика од 12 милиони евра, велат од Министерството за транспорт.
Според Министерството, трите компании не ги исполниле условите за избор односно компанијата Актрус/ Кинг Лонг не доставила валидна банкарска гаранција, Жонг Тонг исто така имала невалидна банкарска гаранција, додека компанијата БМЦ воопшто не доставила банкарска гаранција и не ги исполнила техничките услови.
Кај Електробус Икарус -ЕВН, второстепената Комисија за жалби по јавни набавки утврдила дека договорот за соработка помеѓу Икарус и ЕВН хартиено е потпишан, но не и електронски и затоа го поништила тендерот.
Опозициската СДСМ денеска обвини дека тендерот за набавка на 150 електрични автобуси пропаднал поради тоа што владејачката ВМРО-ДПМНЕ буткала фирма која дала повисока понуда.
The post Министерството за транспорт бара јавно извинување од СДСМ, во спротивно најавува тужба appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



