Министерството за јавна администрација го промовираше Практичниот водич за комуникација и обезбедување услуги за лицата со оштетен слух

Јавната администрација е тука за сите граѓани. А тоа значи дека секој граѓанин, без разлика на своите потреби и предизвици, треба да може да добие информација, услуга и помош на начин што му е разбирлив и достапен. Токму со оваа порака денеска Министерот за јавна администрација, Горан Минчев го промовираше Практичниот водич за комуникација и обезбедување услуги на лицата со оштетен слух, кој е направен на иницијатива од страна на Министерството за јавна администрација, со цел да се придонесе кон подобра комуникација меѓу институциите и лицата со оштетен слух и кон полесен и поеднаков пристап до јавните услуги, а е изработен од Даниела Дичовска, лиценциран толкувач на знаковен јазик, со практични насоки за административните службеници во нивната секојдневна работа.
На промоцијата присуствуваа Снежана Трпевска, национална координаторка за лица со попреченост при Владата на Република Македонија, Сузана Стојановска, претседателка на Дневен центар „Доза среќа“ и Благица Димитровска, претседателка на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“.
„Кога зборуваме за реформа на јавната администрација, не зборуваме само за закони, процедури и институции. Зборуваме за луѓето. За тоа дали еден граѓанин ќе може да добие навремена информација и дали ќе може рамноправно да ја оствари својата услуга. Нашата задача е да ги отстрануваме бариерите, а не граѓаните да се приспособуваат на бариерите на системот“ – порача министерот Минчев.
Ова е уште еден чекор кон администрација која не гледа само на тоа дали постои услуга, туку и дали таа услуга навистина може да ја користи секој граѓанин. Бидејќи квалитетна јавна администрација е онаа која не остава никого зад себе. И токму затоа, пристапноста не треба да биде исклучок или посебна мерка. Таа треба да биде дел од начинот на кој институциите работат секој ден, со разбирање, почит и еднаква грижа за секој граѓанин.
The post Министерството за јавна администрација го промовираше Практичниот водич за комуникација и обезбедување услуги за лицата со оштетен слух appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: