Министерството за здравство објави дека Клиниката за кардиологија и Клиниката за кардиохирургија ќе се спојат во една здравствена установа.
Одлуката ја донесе Владата на последната седница, по предлог на Министерството за здравство.
Според Министерството, оваа одлука има за цел да обезбеди повисоко ниво на интеграција, координација и ефикасност во третманот на пациенти со кардиоваскуларни заболувања.
„Со спојување на двете клиники, формираме единствен центар на терцијарно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој гарантира целосен континуитет на дијагностичкиот и терапевтскиот процес – од превенција и дијагноза, до интервентен и хируршки третман. Со елиминирање на административните дуплирања и оптимизирање на организациската структура, создаваме можности за заштеда на средства кои ќе бидат реинвестирани во подобрување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и стручно образование на персоналот“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерството објави дека ова спојување ќе овозможи подобро искористување на капацитетите, зголемување на бројот на интервенции преку интеграција на лабораториски услуги, стерилизација и операциони сали. Пациентите ќе добијат комплетна кардиолошка и кардиохируршка нега во рамките на една институција, без административни пречки и без чекање за префрлање, со што ќе се обезбеди полесен пристап и континуитет во здравствените услуги.
Исто така, се нагласува дека спојувањето на клиниките позитивно ќе влијае врз развојот на образованието и научните истражувања, преку создавање на унифициран академски центар со повеќе можности за обука на специјалисти, субспецијалисти и развој на научни програми.
The post Министерство за здравство: Клиниките за кардиологија и кардиохирургија ќе се спојат во една здравствена установа appeared first on Во Центар.



