Македонија нема да испраќа свои војници на мисија во Украина, како дел од можниот исход од мировните преговори меѓу САД, Украина и Русија, соопшти Министерството за одбрана на Северна Македонија.
Одговорот доаѓа откако неколку европски земји изразија подготвеност да ги испратат своите војници во Украина за да помогнат во одржувањето на мирот и да одговорат доколку Русија го прекрши евентуалниот мировен договор. Слично соопштение дојде и од Словенија, иако нејзиниот премиер Роберт Голоб повика ова да биде само како заедничка мисија под мандат на Обединетите нации.
Од Министерството за одбрана за „Локално“ изјавија дека министерот Владо Мисајловски многу пати ја пренел пораката на Македонија во врска со војната во Украина, како на состаноците на министрите за одбрана на НАТО, така и на билатералните средби, дека е потребно што поскоро да се воспостави мир што ќе ги прекине страдањата на украинскиот народ и да се усвои одржливо и трајно решение што ќе ја врати безбедноста на целиот европски континент.
Дополнително, во неколку наврати, Министерството за одбрана, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека македонски војници нема да бидат испратени во Украина.
„Нагласуваме дека Македонија отсекогаш била за мир и безбедност. Низ историјата покажавме дека секогаш имаме принципиелен став и дека безбедноста на секој граѓанин на земјата е секогаш наш приоритет“, велат од Министерството за одбрана на Република Македонија.
The post Министерство за одбрана: Македонија нема да испраќа свои војници во мисија во Украина appeared first on Во Центар.



