Минчев од Рим: Го поставуваме темелот за нова генерација професионални лидери во јавната администрација

Министерот за јавна администрација Горан Минчев во Рим ја претстави реформата на системот за професионален развој на административните службеници, со посебен фокус на воспоставувањето Академија за професионален развој и обука. Тој се обрати пред повеќе од 100 раководители и идни раководители во италијанската јавна администрација, во рамки на програмата на Националната академија за јавна администрација на Италија.
„Нашата амбиција е Академијата да биде повеќе од место каде што луѓето едноставно посетуваат обуки. Сакаме таа да стане платформа за континуиран професионален развој, лидерство, размена на искуства и градење на компетенциите што ги бара современата европска јавна администрација“, истакна Минчев.
Тој посочи дека Македонија при воспоставувањето на новиот систем сака да учи од европските институции со долгогодишно искуство во професионалниот развој на јавната администрација.
Минчев говореше и за реформата на системот на високи раководни позиции во јавната администрација. Како што истакна, Законот за високи раководители, усвоен претходно годинава, ќе започне да се применува од октомври 2026 година, со цел да се зајакнат професионалноста, заслугите и одговорноста при изборот и именувањето на високите раководители во јавните институции.
„За нас, законодавството е само почеток. Вистинската реформа ќе се мери според тоа како овие принципи функционираат во пракса и според квалитетот на лидерството и услугите што ги чувствуваат граѓаните“, рече Минчев.
Посетата на Националната академија за јавна администрација на Италија е дел од официјалната посета на Минчев на Рим, во рамки на која беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Министерството за јавна администрација на Македонија и Одделот за јавна администрација при Претседателството на Советот на министри на Италија.
The post Минчев од Рим: Го поставуваме темелот за нова генерација професионални лидери во јавната администрација appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: