Минчев: Ќе се формира Академија за јавни службеници, работиме кон деполитизирана администрација

Министерството за јавна администрација го завршува годишниот процес на обука, преку кој во 2025 година беа вклучени над илјада јавни службеници од регионите на Скопскиот, Полог, Источниот и Пелагонија.

Министерот Горан Минчев, во Битола, рече дека обуките ќе продолжат со уште поголем интензитет, континуитет и систематика.

Министерот нагласи дека јавната администрација е „темел и крвоток на државата“ и дека нејзината професионализација е еден од најважните приоритети на Владата.

„Кога функционер се однесува чесно, учтиво и професионално, граѓанинот не гледа политичка партија, туку држава. Овие обуки не се само дел од реформа, тие се дел од новата култура на јавна служба, култура на отчетност, експертиза и достоинство“, нагласи Минчев.

Во својот говор, министерот ја истакна и важноста на новиот Закон за стручно усовршување и обука на административни службеници, кој ги поставува системските темели за вистинска професионализација на јавната административна служба.

Клучен столб на овој процес е основањето на Академијата за државни службеници, која ќе започне со работа во 2027 година.

„Академијата ќе биде куќа на знаење, лабораторија на идеи, практичен универзитет. Тоа е модел што ја доближува Македонија еден чекор поблиску до европските стандарди“, нагласи министерот.

Минчев, исто така, најави дека важен дел од реформската агенда ќе биде Законот за службата за виш менаџмент, со кој ќе се создаде професионален, стабилен и деполитизиран менаџерски кадар.

„Овој закон е гаранција за институционална зрелост. Тоа е крај на партиските поделби во управувањето и почеток на нова ера на стабилно, транспарентно и професионално управување“, рече министерот.

Тој нагласи дека јавната администрација не е трошок, туку инвестиција во стабилноста, довербата и европската иднина на земјата.
The post Минчев: Ќе се формира Академија за јавни службеници, работиме кон деполитизирана администрација appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: