Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски преку објава на својот „Фејсбук“ профил го изнесе ставот за можните рударски инвестиции во општината, потенцирајќи дека прашањето мора да се третира сериозно и одговорно.
Тој истакнува дека Крива Паланка е традиционално рударски град и дека секоја иницијатива во оваа сфера носи и економски потенцијал, но и ризици кои не смеат да се игнорираат.
Во објавата се посочува дека локалната економија има потреба од инвестиции, особено поради ограничените можности за развој на класична индустрија. Како што наведува, евентуалното наоѓалиште на антимон може да отвори значајна развојна перспектива.
Сепак, тој нагласува дека заштитата на здравјето и животната средина е апсолутен приоритет.
„Мојата обврска како градоначалник е јасна и недвосмислена – да го заштитам здравјето на граѓаните и животната средина. Тоа е приоритет кој стои над сè друго“, пишува градоначалникот Митовски.
Градоначалникот најавува дека ќе инсистира на строго контролирани услови, вклучително и затворен процес на производство без штетни емисии, како и финансиски гаранции за евентуални штети.
Дополнително, тој нагласува дека процесот мора да вклучи експерти, академската заедница и граѓанскиот сектор, оценувајќи дека ова не е прашање што може да се сведе на едноставен избор.
„Ова не е прашање што смее да се сведе на едноставно ‘за’ или ‘против’“, потенцира градоначалникот.
Во однос на можен референдум, тој вели дека тоа е легитимно демократско право на граѓаните, но додава дека е клучно тие да бидат целосно информирани пред да донесат одлука.
На крајот, порачува дека ќе застане зад интересите на граѓаните и дека нема да дозволи компромис кога станува збор за нивната безбедност.
„При било каква хаварија или загрозување на здравјето на граѓаните, ќе реагирам директно, одлучно и без компромис“, стои во објавата.



