Ова, според Јовановиќ, се прави од две намери. Првата е како што вели народната – раздели, па владеј, односно да се разбие синдикалното единство, да се намали нивната моќ за полесно да може да се манипулира, а втората е да се постават свои синдикати како грански, кои потоа ќе прифаќаат помало зголемување на платите.
– Главната цел му е да го ослабне и преземе синдикалното движење. И затоа мислам дека Сојузот на синдикати и другите поголеми синдикати, не смеат да наседнуваат и мора да останат здружени затоа што само додека се здружени, можат да опстанат, оценува Јовановиќ.
Понудата на премиерот Мицкоски за 40 проценти зголемување на платата на државните службеници, според Јовановиќ, е обид да се ублажи незадоволството кај работниците по протестот што го организираше ССМ, а кој беше масовен и на кој граѓаните недовосмислено ги поддржаа барањата на Синдикатот.
– Зошто не ги кажа овие 40 проценти пред синдикатите да излезат на протест и зошто не ги каже сите детали – како би одело тоа покачување конкретно, кои се останатите услови и сл? Второ, мислам дека тука се крие едно кукавичко јајце, или тројански коњ, односно обид да се разбие единството на синдикатите и да се намали нивната моќ. Пробува да придобие некои синдикати на негова страна, ако на некои им се види понудата примамлива, тие да го прифатат ова божемно етапно зголемување на платата, а за возврат да се откажат од некои одредби од Општиот колективен договор, кој е изворот на моќта на синдикатот моментално, нагласува Јовановиќ.
Јовановиќ: Зголемување на платите сега, но без услови за ОКД


