Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница порача дека актуелната Влада, според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, постигнала подобри економски резултати во споредба со претходната власт, при што нагласи дека нема да има ново задолжување од 350 милиони евра во јуни.
Говорејќи на седницата за пратенички прашања, Мицкоски истакна дека со последното задолжување од 260 милиони евра ќе се доплати дел од еврообврзницата од 700 милиони евра, што според него ќе придонесе за намалување и на бруто и на нето задолжувањето.
Повикувајќи се на податоци од ММФ, премиерот направи споредба меѓу претходната влада на СДСМ и ДУИ и актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. Според него, јавниот долг од 2018 до крајот на 2023 година пораснал од 4,787 милијарди на 8,477 милијарди евра, односно нето задолжувањето изнесувало 3,69 милијарди евра.
За актуелната Влада, Мицкоски наведе дека јавниот долг на 1 јануари 2025 година изнесувал 9 милијарди и 619 милиони евра и рече дека нема да се достигне нивото од 11 милијарди евра, како што, според него, тврделе политички противници.
Премиерот истакна дека за период од две години Владата очекува додадена вредност во бруто домашниот производ од 4,66 милијарди евра, што според него е повеќе отколку во шестгодишниот период на претходната власт, кога биле создадени 4,52 милијарди евра вредност.
– Додадената вредност за период од две години е поголема од таа за шест години, а долгот е речиси два и пол до три пати помал – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека овие резултати се постигнуваат во услови на, како што рече, „епска енергетска криза“, потсетувајќи дека Владата го намалила ДДВ-то и акцизата на горивата.
Осврнувајќи се на проектот за автопатите на коридорите 8 и 10д, што го реализира конзорциумот Bechtel и Enka, Мицкоски повтори дека и понатаму смета дека проектот бил нетранспарентен и криминален.
– Да, криминален е. Да, манипулативен е. Нетранспарентна процедура, злоупотреба на европско знаме – рече премиерот, додавајќи дека Владата сепак ќе го заврши проектот за да не се изгубат средствата вложени од граѓаните.
Според него, токму овој проект е најголем генератор на буџетскиот дефицит, но Владата ќе работи на негово завршување со цел да се намали товарот врз јавните финансии.
Мицкоски информираше дека заклучно со вчера државата потрошила околу 168 милијарди денари, а собрала 138 милијарди денари приходи, при што дефицитот изнесува околу 28 до 29 милијарди денари.



