Премиерот Христијан Мицкоски денеска го обвини бугарскиот колега Румен Радев за непринципиелност, коментирајќи ја неговата изјава на маргините на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, дека проширувањето во ЕУ треба да се случува врз принципот на сопствените достигнувања, односно длабоки реформи во сферата на правосудството, владеењето на правото, човековите права и изградбата на добрососедски односи.
„Ги слушав вчера изјавите, да се повикувате на почитување на човековите права, нели така кажа претседателот на Бугаруија, а на бирото да ви стојат 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур и да не дозволувате македонската заедница во Бугарија да регистрра невладина организација“, изјави денес Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите при посетата на Институтот за јавно здравје.
Мицкоски рече дека е непринципиелно да ги гледате луѓето во очи и да не ја говорите вистината.
„Тоа за мене е непринципиелно однесување. Или принципите важат за сите или не важат, тоа се темелните европски вредности“, рече Мицкоски.
Тој беше запрашан од новинарите дали на средбите во Тиват, со францускиот претседател Еманел Макрон и со германскиот канцелар Мерц, станало збор за уставните измени и за ставот на Владата по тоа прашање.
„Се разбира дека разговаравме на темата и се разбира и двајцата покажаа голема заинтересираност, посебно претседателот Макрон. Така што, очекувам во периодот кој што следи да имаме интензивирање на разговори на оваа тема. Јас го повторив нашиот став дека ние не бегаме од разговори, ние сме подготвени да разговараме, подготвени сме да бараме решение, но не непринципиелно“, рече Мицкоски.
Во таа насока, тој ја прокоментира и изјавата на Радев за почитувањето на човековите права.
„Што правиме со тоа. Ако сите веруваме во темелните европски вредности, тогаш треба да важат за сите. Така што, полека, трпеливо ќе го градиме патот внимателно, имаме план, имаме стратегија, под притисок нема да работиме. Ова се работи кои што се работат многу внимателно“, рече Мицкоски додавајќи дека тоа се прави „со пријатели кои што ги слушаат нашите аргументи и со ум, а не со брзање“.
Тој уште еднаш повтори дека уставните измени се услов кој што го прифатила претходната влада и кој што подразбира отворање на поглавјата.
„Ќе повторам по можеби троцифрен број пати: додека сум јас претседател на Владата нема никогаш да поддржам уставни измени во кои што нема да имам јасен крај дека ќе го почнеме процесот и ќе го завршиме, додека немам јасни гаранции дека нема да има повеќе билатерални прашања и идентитетски прашња. Само таков тип на уставни измени можам да поддржам, се останато нема никогаш да го поддржам“, рече Мицкоски.
Според него, по изложувањето на планот на Мерц и на Макрон за постепено вклучување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, важно е дека веќе ќе има на многу повисоко ниво план, кој откако ќе се операционализира, многу почесто Владата ќе биде во Брисел на масата и ќе може да зборува, што е многу понапред од тоа што сме биле пред година, две претходно.
„Ја повикувам македонската јавност да не подлегнува на било какви притисоци кои што значат неизвесен крај, а дополнително национално понижување за граѓаните во Македонија. Не е ова спринт, ова е маратон треба да се издржи. За жал еден медиокритет каква штета може да направи, илјада паметни ќе треба таа штета да ја исправат“, изјави Мицкоски.
Во однос на акцискиот план за малцинствата, тој рече дека тој е готов и е усогласен со експертот за човекови права кој што бил препорачан од Брисел, како и дека од земјите членки на ЕУ, 26 немале никакви забелешки на планот, освен една, без притоа да ја именува Бугарија.
Запрашан кои се забелешките на Буугарија во однос на акцискиот план, Мицкоски одговори дека не знае.



