Премиерот Христијан Мицкоски очекува инфалцијата во наредните месеци да биде под 3 проценти, а таков износ очекува и за годишната инфлација, како што изјави денеска, во рамките на проекциите.
– Во делот на храната минатата година имаше божикна, јануарска кошничка и така ќе биде и во април. Ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3 проценти за годишната инфлација. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионот, освен во соседна Србија, каде што е 2,2 – 2,3 процента поради тоа што тие ја имаат онаа мерка со ограничување на цените на производите. Во првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира, ние го видовме тоа една година пред тие да го имплементираат и затоа се одлучивме преку други механизми да се бориме со инфлацијата. Што се однесува до другите месеци, очекувам да биде од 3 процентив – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање во однос на податоците за инфлацијата во јануари кога на годишно ниво изнесува 3,2 проценти, со месечен пад од 0,7 проценти, но со зголемување во делот кај храната за 5,2 проценти.
Премиерот дополни дека има многу држави во кои инфлацијата е многу поголема од оваа кај нас, како Романија, каде што инфлацијата е 9,8 проценти, Турција, каде што е двоцифрена, над 30 проценти, соседна Бугарија, Хрватска, итн…
– Јас очекувам инфлацијата кај нас годинава да биде под 3 проценти, односно во рамките на проекциите – рече Мицкоски по обраќањето на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.
Проекциите на Министерството за финанси, посочи ресорната министерка Гордана Димитреска-Кочоска, остануваат исти и веќе има стабилизирање на состојбите. Прашана за високиот износ на инфалцијата кај храната, посочи дека по растот на платите и цените, сега е дојден момент кога треба да се стаблизираат.


