Премиерот Христијан Мицкоски денес негираше дека средствата од ИПАРД се блокирани по апсењата за корупција во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, велејќи дека истрагата се продлабочува бидејќи има и информации за претходна злоупотреба на средствата.
„Не. Напротив. Позитивната акција на луѓето од Европската комисија е добредојдена“, изјави премиерот Мицкоски, кој утрово ја посети фабриката на Костал во Охрид.
Премиерот Мицкоски рече дека побарал да се блокира исплатата на парите од ИПАРД, за да се види до каде е отидена злоупотребата.
„Треба да видиме до каде одат злоупотребите. Бидејќи првичните информации велат дека ова не е од сега, туку се случува веќе неколку години, па затоа ќе истражиме сè и секој што мисли дека ќе помине вака е излажан. Секој ќе одговара од прв до последен. Кој и да е“, рече Мицкоски.
Министерството за финансии вчера објави дека преку структурите и телата за управување со средства од инструментот ИПА/ИПАРД на Европската Унија, Македонија донела одлука за привремено прекинување на исплатите на средства од програмата ИПАРД. Како што е објаснето, таквата одлука следува по актуелните настани со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
The post Мицкоски: Побарав блокирање на парите од ИПАРД appeared first on Во Центар.



