Во одговор на дополнително прашање што доколку ЕУ не попушти и не се реши проблемот, премиерот рече дека Европската Унија си има Шенген-механизам до кој се држи, а она што ние го бараме е да се најде варијанта како да им се излезе во пресрет на транспортерите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека побарал телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен во обид да се изнајде решение за механизмот на ЕУ за престој во земјите од Шенген-зоната, што ги извади на протест македонските камионски превозници и нивните колеги од Западен Балкан.
Мицкоски е оптимист дека проблемот со камионските превозници ќе се надмине. Тој, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека ова прашање е отворено уште од септември со Европската комисија и дека за разговорите е задолжен министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, исто како што со ЕК досега се разговарало и за други проекти во интерес на на граѓаните.
Премиерот очекува телефонски да разговара со Фон дер Лајен наредните денови, откако таа ќе се врати од службеното патување во Индија.
„Очекувам, барем според тоа што е последна најава, ова да се реши. Јас вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија. Таа е службено отсутна и се наоѓа во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме оваа тема на маса, така што тоа е“,изјави Мицкоски
Во одговор на дополнително прашање што доколку ЕУ не попушти и не се реши проблемот, премиерот рече дека Европската Унија си има Шенген-механизам до кој се држи, а она што ние го бараме е да се најде варијанта како да им се излезе во пресрет на транспортерите.
Камионските превозници од Македонија, заедно со нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина втор ден ги блокираат граничните премини кон ЕУ. Протестот е против примената на системот за престој во Шенген-зоната ЕЕС и правилото 90/180 дена, кое, според нив, ја парализира нивната работа.
Бугарите реагираат, патот им се зголемил за 500-600км поради камионските блокади
Протестот, според најавите, е планирано да трае седум дена. Блокирани се само терминалите за товарен превоз, додека патничкиот сообраќај се одвива непречено.
Камионските превозници се револтирани од правилата на ЕЕС бидејќи, според нив, тие се третираат како туристи и дозволен им е престој во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.


