Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Охрид им порача на дел од обвинителите кои, како што рече, се почесто смислуваат изговори дека трпението му е при крај и дека правдата ќе ги стигне сите. Ваквата изјава од опозициската СДСМ ја протолкуваа како нова наредба кон државниот обвинител Ненад Савевски и побараа негова оставка.
– Откако Мицкоски си го избра на функцијата, ало Савески е цело време на линија со Мицкоски кој работи по неговите нарачки. Мицкоски дава наредби – Савески исполнува. После овие скандалозни изјави и признанија на Мицкоски, најмалку што може да направи Савески е да си даде оставка, уште денеска, велат од СДСМ.
Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на светите Кирил и Методиј рече дека го разбира незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение од испораката на правдата и дека тој не е задоволен.
– Немојте да мисли кој било од вас дека не ги слушам оние крици на луѓето кои ѝ се смеат на правдата, кои мислат за себе дека се непобедливи и дека ја измамиле правдата. Денес тие се најгласните критичари на Владата и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда. Ним, и на оној дел од обвинителството кој сè почесто смислува изговори, им велам дека трпението е при крај и дека правдата ќе ги стигне сите. Без оглед на тоа какви изговори слушам, трпението е при крај и јас внимателно следам. Нема ни да премолчам кога мислам дека се греши, ниту кога мислам дека треба побрзо да се реагира и кога фиоките во институциите се полнат со пријави и тужби за кои обвинителството треба да реагира побрзо, порача Мицкоски.
The post Мицкоски со порака до обвинителите – трпението е при крај, опозицијата го толкува како наредба кон државниот обвинител appeared first on Provereno.



