Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека ширењето информации за наводно загадување на водата во Скопје претставува своевиден хибриден напад со цел да се создадат страв и несигурност кај граѓаните. Тој отвори сомнеж и за можни комерцијални интереси, посочувајќи дека за кратко време во маркетите биле испразнети резервите на флаширана вода.
Според Мицкоски, повеќе од десет лица се повикани на разговор во МВР во врска со објавувањето и ширењето на информациите на социјалните мрежи.
„Јас се надевам дека со новите измени на Кривичниот законик ќе има и казнена одредба за ваквите лица кои свесно создаваат хистерија, односно вршат еден своевиден хибриден напад, создаваат чувство на немир, чувство на страв кај граѓаните“, изјави Мицкоски.
Премиерот рече дека дополнително го загрижува можноста зад ширењето на информациите да постојат и комерцијални мотиви.
„Мислам дека тука има и други, повеќе комерцијални обиди бидејќи во еден ден, наеднаш, голем дел од маркетите ги испразнија своите резерви и количини на пакувана вода“, рече Мицкоски.
Тој обвини дека зад создавањето хистерија на социјалните мрежи стојат центри поврзани со опозициски партии, но не наведе конкретни партии. За текот на постапката упати на Министерството за внатрешни работи.
Мицкоски се осврна и на обвинувањата од СДСМ за кризата со водата во Гостивар, отфрлајќи ја одговорноста на Владата.
Тој посочи дека градоначалникот на Гостивар на последните избори бил поддржан од СДСМ и оцени дека токму затоа опозициската партија не бара одговорност од локалната власт.
Според премиерот, Владата ги презела сите мерки што биле во нејзина надлежност за нормализирање на состојбата. По стабилизирањето на водоводниот систем и обезбедувањето безбедна вода за пиење, одговорноста за водоснабдувањето, како што рече, повторно е целосно кај ЈП „Комуналец“ – Гостивар.



