Мијалков бара целосно читање

На судењето за „Трезор“ обвинителството изведува материјални докази за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при Управата за безбедност и контраразузнавање, а одбраната бара доказите да бидат целосно прочитани за јавноста да види што точно било набавено.
На обвинителна клупа за случајот „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство во Кривичниот суд се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешен шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.
Обвинителот Артан Ајро почна со изведување материјалните докази, за тоа дека „Финзи“ примала пари од МВР по фактура од 2010 година на над 70 милиони денари за прва испорака на опрема за нејзина инсталација, тренинг и испорака.
Додека обвинителот читаше докази со фактури за доставената роба до МВР, рече дека има и ставки на латници и не може да ги прочита, по што одбраната побара да бидат преведени.
По реакција од адвокатот Петар Василевски до судот, дека нема биро да фаќа забелешки, обвинителот Трајче Пеливанов рече дека не му треба, затоа што и така не носи чанта, по што настана вербална конфронтација, која за момент ја прекина обвинетиот Сашо Мијалков.
– Нашето барање за целосно читање на доказите е да слушне јавноста што точно се набавувало од опрема, а со тоа и ќе докажеме дека не сме виновни, рече Мијалков на судот.
Судот даде пауза за да се обезбеди биро за адвокатот Василевски, по што продолжи рочиштето.
По однос на барањето за начинот на изнесување на доказите од СЈО, Судот претходно се изјасни дека обвинителот може да ги изведе на начин на кој што смета дека треба да бидат изведени.
За случајот поднесени се над 900 материјални докази.Обвинетите во „Трезор“ се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.