Стивен Ивановски загина во пожарот во Кран-Монтана

Стивен Ивановски, по кој се трагаше по пожарот во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана е идентификуван како загинат, пренесе телевизија Сител повикувајќи се на информации од блиски во семејството на Ивановски.

Би-би-си пренесе дека досега се идентификувани две девојки од 16 и 21 година и две момчиња од 16 и 18 години и за сите се вели дека биле државјани на Швајцарија. На фејсбук-профилот на Ивановски е наведена Швајцарија како негово место на живеење.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за „360 степени“ велат дека сè уште немаат официјални информации од швајцарските власти околу состојбата со Ивановски.
Денеска премиерот Христијан Мицкоски изрази сочувство до семејствата на сите загинати и рече дека како Влада остануваат на линија со државни претставници од Швајцарија и со амбасадорот во земјава.
„Тоа што можев да им го пренесам од нашето искуство е дека е многу значајна брзата реакција и одредувањето на приоритети кај повредените и нивна дисперзија“,рече Мицкоски.
Во трагедијата се повредени 119 лица, а 50-ина од нив се префрлени или наскоро ќе бидат префрлени во земјите од Европската Унија кои имаат специјализирани центри за изгореници. Дел од пациентите се префрлаат во болниците во Франција, а дел ќе бидат трансферирани во специјализираните центри во Италија.
Командантот на полицијата Фредерик Гислер објави дека 113 од 119 повредени лица се идентификувани, а процесот на идентификација на другите шестмина е сè уште е во тек. Помеѓу идентификуваните повредени лица има 71 швајцарски државјани, 14 Французи, 11 Италијанци, четворица Срби, еден државјанин на Босна и Херцеговина, и по еден белгиски, полски, португалски и еден државјанин на Луксембург.
Шефот на полицијата додаде дека апсолутен приоритет е и идентификација на жртвите.

Пронајдете не на следниве мрежи: