ММФ: ВИ ќе влијае на 40 отсто од работните места ширум светот

Вештачката интелигенција (ВИ) би можела да влијае на околу 60 отсто од работните места во развиените економии, покажа студијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

За околу половина, влијанието веројатно ќе биде позитивно и ќе се манифестира во подобрена продуктивност, пресмета ММФ во студијата објавена во неделата.

За втората половина, вештачката интелигенција би можела да ги преземе задачите што моментално ги извршуваат луѓето, што може да ја намали побарувачката за работна сила, што значи помалку достапни работни места и помали плати.

Во најекстремните случаи, некои од овие работни места може да исчезнат, предупредуваат од ММФ.

Студијата, пак, предвидува дека оваа технологија ќе влијае на само 26 отсто од работните места во земјите со ниски приходи, бидејќи немаат инфраструктура или квалификувана работна сила за да ги искористат предностите на вештачката интелигенција.

Од ММФ исто така го истакнуваат можното продлабочување на нееднаквоста, бидејќи работниците кои успешно се справуваат со промените би можеле да добијат повисоки плати.

Квалификациите исто така би можеле да бидат диференцирачки фактор, бидејќи висококвалификуваните работници имаат поголеми шанси да работат на работни места на кои вештачката интелигенција ќе има позитивно влијание.

Од ММФ посочуваат дека од клучно значење е земјите да воспостават сеопфатни мрежи за социјална заштита и да понудат програми за преквалификација на работниците.

Авторите на извештајот нагласуваат дека прогнозите се засноваат на математички модели и дека некои фактори е тешко да се предвидат, како што се можниот развој на нови сектори и брзината на ширење на вештачката интелигенција.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.