Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави се согласија за Заедничка декларација и Рамковен договор за реципрочна, фер и избалансирана трговија, зајакнување на билатералната економска соработка и отворање поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании.
„Денес правиме важен чекор напред во економската соработка со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Се договоривме за Заедничка декларација и Рамковен договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, зајакнувајќи ја билатералната економска соработка и отворајќи поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании“, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Заедничката декларација е основа за преговори за договор што ќе им обезбеди на извозниците од двете земји проширен пристап до пазарите на другите и ќе овозможи унапредување на меѓусебните трговски односи. Договорот ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи трансатлантското партнерство.„Важно е да се биде прецизен: САД ќе ја одржат реципрочната царина од 15% за производите што потекнуваат од нашата земја, додека паралелно – и ова е суштината на успехот – ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до 0% реципрочна царина. Со други зборови, за некои од клучните индустрии и производи, царините ќе бидат намалени на нула“, нагласи министерот.
Заедничката декларација опфаќа неколку области, вклучувајќи царина, зајакнување на економската и националната безбедносна соработка, дигиталната трговија, енергетскиот сектор, заштитата на животната средина, нетарифните бариери и заштитата на правата на интелектуална сопственост.„Ова е конкретен и мерлив успех за Македонската економија. Оваа заедничка декларација им обезбедува на нашите компании конкурентска предност, јасна регулаторна рамка, поголема предвидливост и посилна позиција на еден од најголемите пазари во светот“, нагласи министерот.
Следниот чекор е финализирање на Договорот и спроведување на внатрешни процедури за негово стапување во сила.
Во официјалното соопштение од Канцеларијата на трговскиот претставник на Соединетите Американски Држави (USTR) се вели дека ова ги поставува темелите за реципрочен трговски договор за унапредување на нашето економско партнерство, при што амбасадорот Грир му се заблагодарува на министерот Муцунски за неговиот конструктивен ангажман во ребалансирањето на трговските односи.
„Трговската агенда на претседателот Трамп ги продлабочува нашите трансатлантски врски со клучен партнер во балканскиот регион. Ова соопштение ги поставува темелите за Реципрочен трговски договор за унапредување на нашето економско партнерство, а воедно ги отстранува административните бариери за американските земјоделци и производители. Му се заблагодарувам на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, за неговиот конструктивен ангажман во ребалансирањето на нашите трговски односи и создавањето нови можности за американските работници и бизниси“, се вели во официјалното соопштение.
The post МНР: Поголем пристап до американскиот пазар, Македонија и САД се договорија за рамка за договор за меѓусебна трговија appeared first on Во Центар.



