Момчето кое загина во Пинтија со шарено досие

Информацијата дека момчето кое загина во сообраќајката што се случи минатата недела во Пинтија имало 16 сообраќајни казни ја запрепасти јавноста бидејќи покажа дека низ патиштата има возачи со десетици казни, кои, освен што го ризикуваат својот живот, го ризикуваат и животот и на другите возачи и пешаци, пишува порталот nezavisen.mk.
Информацијата за казните на момчето ја соопшти лично министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но од Министерството за внатрешни работи не соопштуваат за што точно биле казните и дали е точно дека му биле пишани во последните шест месеци, со образложение дека станувало збор за лични податоци.
Од она што неофицијално го дознава порталот, момчето имало неколку казни за пребрзо возење, за погрешно паркирање, полицијата го фатила за неправилно престројување на крстосница и додека возел зборувајќи на телефон. Остана недокажано како момчето сè уште имало возачка дозвола и дали воопшто стигнало до Судот за прекршоци. Полицијата секојдневно испраќа соопштенија колку возачи санкционирале на патиштата, но дали некој ќе остане без дозвола и ќе му биде забрането да вози, кај нас зависи од тоа колку возачот самиот е одговорен, совесен и колку му се посреќило во полиција или во Судот за прекршоци.
Според процедурата, кога полицијата запира возач, на пример, за возење под дејство на алкохол, должна е да ја одземе возачката дозвола на самото место и возачот да го исклучи од сообраќај. Но во пракса се случува само да се одземе возачката дозвола, да се направи записник за прекршокот и, доколку не е многу пијан, возачот продолжува да вози до дестинацијата каде што тргнал. Возачот има право во рок од една недела да ја плати половината од паричната казна или да впише негативни поени во казнената книшка. Во зависност од тоа колку промили алкохол покажал на тестот, зависи и паричната казна, односно негативните поени.
Доколку возачот реши чесно да ја заврши процедурата, ќе ја однесе возачката дозвола во полиција, ќе ја плати казната или ќе ги впише поените. Ако паричната казна е висока, најчесто се одлучуваат да ги впишат негативните поени кои, пак, се со важност од три години, а потоа се бришат.
Целиот текст можете да го прочитате на nezavisen.mk

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.