Властите во турската провинција Бурса затворија стоматолошка клиника на еден месец и ги истражуваат нејзините активности по смртта на петгодишното момче Дениз Сонмез, објави весникот „Хуриет“.
Родителите на момчето, Елена и Ајдин Сонмез, во полиција изјавиле дека на 10 ноември го однеле синот на преглед во приватна стоматолошка амбуланта каде му бил констатиран кариес. Лекарите под општа анестезија извадиле еден заб и ставиле пломби на четири заби. Веќе за време на прегледот детето почнало да крвари, температурата му се покачила и малиот почнал да се тресе.
И покрај се, лекарите само му препишале лекови и го испратиле дома. Набрзо состојбата на детето се влошила и родителите го однеле во државна болница, но лекарите не успеале да го спасат – момчето починало на 13 ноември од откажување на повеќе органи поради недостаток на кислород. Надлежните ја запечатија болницата на еден месец од 16 ноември, а обвинителството започна истрага.
Родителите на момчето изјавиле дека анестезиологот не направил никакви тестови пред анестезијата и дека ја напуштил клиниката без да чека детето да се освести по операцијата. Тие исто така изјавиле дека цевката која била вметната во грлото на детето за време на операцијата го пробила аденоидот и крварењето што следело му ги наполнило белите дробови.
Пронајдете не на следниве мрежи: