Данска, членка на НАТО, објави дека се согласила да ги купи првите ракети со долг дострел и висока прецизност, во обид да ја зајакне својата безбедност и да ја одврати Русија од можна агресија во Европа.
Данскиот министер за одбрана Јепе Брус изјави дека новите ракетни системи ќе ги зајакнат воените капацитети на Данска и ќе ѝ овозможат, во случај на напад, да извршува напади „зад непријателските линии“, пренесува Ројтерс.
„Се наоѓаме во сериозна и влошувачка безбедносна ситуација и затоа ја зајакнуваме нашата одбрана и ја зголемуваме нашата борбена моќ“, изјави Брус пред новинарите.
Руската амбасада во Копенхаген во писмена изјава оцени дека ракетната политика на Данска води кон конфронтација со Москва и предупреди на „неизбежни катастрофални последици“.
„Копенхаген е опседнат со опасни заблуди дека купувањето на прецизно офанзивно оружје со долг дострел, кое создава воена закана за нуклеарна сила, ќе помогне во зајакнувањето на безбедноста и одбраната на Данска“, соопшти руската амбасада.
Данска минатата година објави дека има намера да набави офанзивно оружје со долг дострел за да одговори на воената закана на Русија кон Европа, што предизвика остра реакција од Москва.
Премиерката Мете Фредериксен потоа ја повика армијата да „купува, купува, купува“ ново оружје, по години намалувања на воениот буџет, како дел од промената на политиката предизвикана од војната на Русија во Украина.
Данска денес објави дека се согласила да купи ракети „Антем“, кои ги произведува американската одбранбена компанија „Ковенант“ во Германија, како и ракети „Џоинт Страјк Мисикл“ (JSM) за своите борбени авиони „Ф-35“ , кои ги произведува норвешката компанија „Конгсберг“.
Брус не кажа колку ракети нарачала Данска или колку ќе плати за нив.
The post Москва е бесна поради потегот на Данска: „Ќе следат катастрофални последици“ appeared first on Во Центар.



